Burak Bir
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави дека Азербејџан е подготвен за соработка со Ерменија бидејќи новиот вид на соработка може да го отстрани ризикот од избувнување на нови војни, јавува Агенција Анадолија (AA).
Алиев, заедно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска присуствуваше на спектакуларната воена парада со која во Баку беше прославена победата и ослободувањето на азербејџанските региони во Нагорно Карабах.
Претседателите на Турција и Азербејџан потоа одржаа билатерален состанок и потпишаа низа договори за интензивирање на соработката помеѓу двете земји.
Домаќинот на состанокот, Алиев, пред новинарите изјави дека Република Турција, предводена од претседателот Ердоган, денес во светот претставува пример за независност, просперитет и развој.
„Додека ја гледавме воената парада денес, Ердоган и јас взаемно си честитавме на оваа историска победа. Турција и нејзиното раководство од почетокот застанаа покрај Азербејџан и нашата оправдана борба за ослободување на нашите територии. Тоа беше голем поттик за нас“, рече Алиев.
Истакнувајќи дека турската поддршка за Азербејџан повторно посведочила за пријателството и братството на двете земји и му покажала на светот дека Азербејџан не е сам, Алиев рече дека се ретки примерите во историјата во кои две земји секогаш се толку блиску една до друга, во сите прилики.
„Беспилотното летало Бајрактар, познат производ на турската воена индустрија, направи пресвртница и имаше исклучителна улога во нашата победа“, рече Алиев..
Тој нагласи дека Азербејџан е спремен за нов вид соработка со Ерменија бидејќи на тој начин ќе се редуцираат на нулта ниво ризиците од избивање на нови војни во регионот.
„Доколку ерменската администрација се откаже од своите неосновани тврдења, може да учествува во различни платформи за соработка во регионот“, порача азербејџанскиот претседател.