Safvan Allahverdi
18 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација остана нема во однос на прашањето за смртта на Мухамед Морси, кој почина во судница, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус, одговараше на новинарски прашања на редовната прес-конференција, а на прашањето за коментар во врска со смртта на Морси во судницата, рече дека слушнале за неговата смрт.
Стејт департментот на прашањето на новинарот на АА за смртта на Морси одговори дека ја следат ситуацијата.
„Запознаени сме со известувањата за смртта на Мухамед Морси, поранешниот египетски претседател, и ја следиме целата ситуација“, истакнаа од Стејт департментот.
Првиот демократски избран египетски претседател, Мухамед Морси, почина денес во судница.
Според наводите на египетската државна телевизија, Морси починал откако претходно останал без свест во судницата.
Морси беше петтиот претседател на Египет, а таа должност ја извршуваше во периодот од јуни 2012 до јули 2013 година, кога беше соборен со државен удар.
Откако беше сменет, тој се соочи со низа сериозни обвинувања, вклучувајќи и поттикнување на убивање свои противници.
Во мај 2015 година, тој е осуден на смрт за шпионажа, бегство од затвор и за обвиненија за тероризам, но тоа беше поништено следната година.