Ekipa
06 Мај 2019•Ажурирај: 08 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Првиот претседател на Египет избран на демократски начин, Мухамед Морси, го поминува седмиот Рамазан во египетските затвори, од 2013 година кога тој беше отстранет од претседателската функција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на неговото семејство, Морси кој е арбитрарно затворен, се држи во самица, и не се дозволени посети и е изложен на целосна изолација.
Се вели дека овој Рамазан е седми по ред којшто Морси го поминува во затвор.
- Трет Рамазан којшто неговиот син Усаме го поминува во затвор -
Во соопштението се наведува дека синот на Мухамед Морси, Усаме Морси, исто како татко му веќе три години се држи во самица поради тоа што го бранел неговиот татко и уставниот легитимитет.
Семејството Морси нагласи дека немаат доволно информации околу здравствената состојба на Мохамед Морси, како и за другите услови.
Според ова соопштение, тоа што му е направено на Морси е против правдата во Египет и во целиот свет.
Ова семејство упати апел до сите кои имаат независна совест во светот, до сите меѓународни организации за човекови права, пред сè Обединетите нации, и до сите кои придаваат важност на слободата и отпорот, да се фокусираат на прекршувањата на човековите права.
Во соопштението се истакнува дека исламскиот умет се наоѓа во вистинска катастрофа, и дека покрај сите заговори против палестинската кауза таа ќе продолжи да биде единственото прашање на Арапите и исламскиот умет.
На 3 јули 2013 година кога Морси сè уште ја вршеше претседателската функција, тогашниот египетски министер за одбрана, сегашниот египетски претседател, Абдел Фатах ел Сиси, изврши државен удар и ја презеде контролата на власта.
По државниот удар, Морси беше приведен и на него му е изречена затворска казна од 48 години во четири судски предмети. Судскиот процес за уште два предмети против Морси е во тек.