Rabia İclal Turan
20 Август 2025•Ажурирај: 21 Август 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Руските претставници направија отстапки „речиси веднаш“ за време на минатонеделниот состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, изјави американскиот претставник Стив Виткоф, пренесува Анадолу.
„Русите речиси веднаш направија отстапки на првиот состанок во Алјаска, а дел од добивањето на тие отстапки беше да дознаеме дали ќе можеме да ги видиме Русите подготвени за поприспособување“, рече Виткоф за време на интервју за „ФОКС њуз“, без да ги образложи деталите за отстапките.
Виткоф истакна дека разговорите во Анкориџ се фокусирале на постигнување долгорочен мировен договор, а не на привремен прекин на огнот.
„Останавме таму доста време бидејќи всушност постигнавме напредок во тоа како би можеле да постигнеме мировен договор. Договорот за прекин на огнот е многу, многу лесен за раскинување бидејќи не ги содржи сите ‘состојки’ поврзани со него“, рече тој.
„Претседателот почна да чувствува на овој состанок во Алјаска дека имавме многу од претходниците договорени за мировен договор, па зошто да не се стремиме кон целосен мировен договор?“, додаде тој.
Мировните напори достигнаа напредна фаза по средбата меѓу Трамп и Путин и последователната средба во понеделникот меѓу Трамп, украинскиот претседател Влaдимир Зеленски и европските лидери во Вашингтон.
Клучните спорни точки наводно се поврзани со потенцијалната размена на територии и безбедносните гаранции за Украина, при што Киев и европските лидери тврдат дека секој пат кон мировен договор мора да започне со прекин на огнот, додека САД и Русија се залагаат за целосен мировен договор.