Betül Yılmaz
20 Август 2025•Ажурирај: 21 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Во напад на израелската Армија е убиен поранешен палестински кошаркар додека барал храна во Појасот Газа, објавија локалните медиуми доцна синоќа, пренесува Анадолу.
Мухамед Шалан (40), еден од најистакнатите играчи на палестинската национална кошаркарска репрезентација, е убиен од израелски оган во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, објави државната новинска агенција Вафа.
Шалан барал храна и лекови за својата ќерка, Мерјем, која страда од откажување на функцијата на бубрезите и тешко труење на крвта, јави Вафа.
Убиениот спортист, со прекар „Земјотрес“, играл за неколку локални кошаркарски тимови, како и за палестинската репрезентација, според новинската агенција.
Израел неодамна се соочи со остри меѓународни критики откако го уби поранешниот палестински играч Сулејман ал-Обеид, познат како „палестинскиот Пеле“, додека чекал помош во близина на дистрибутивен пункт во јужна Газа.
Според палестинските претставници, повеќе од 800 спортисти се убиени во Газа од почетокот на израелската офанзива на 7 октомври 2023 година, додека спортската заедница продолжува да искусува бомбардирање, глад и колапс на инфраструктурата.
Израел уби над 62.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.