Кремљ „не е запознаен“ со плановите на Путин да му честита на Трамп за изборната победа
На брифингот со новинарите во Москва, Песков нагласи дека Трамп, како претставник на „непријателска земја“, е дел од влада што директно и индиректно е ангажирана во конфликт со Русија
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, денес изјави дека „не е запознаен“ со какви било планови на рускиот претседател Владимир Путин да му честита на Доналд Трамп, кој прогласи победа на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Анадолу.
На брифингот со новинарите во Москва, Песков нагласи дека Трамп, како претставник на „непријателска земја“, е дел од влада што директно и индиректно е ангажирана во конфликт со Русија.
На прашањето дали Путин ќе биде подготвен за постизборен телефонски разговор со Трамп, Песков одговори: „Ставам акцент на постојаната отвореност на Путин за дијалог и ангажман. Оваа позиција е добро позната во светот. Што се однесува до другите детали, да почекаме конкретни случувања.“
Песков, исто така, ги отфрли обвинувањата за мешање во американските избори, повторувајќи дека Русија не се меша во внатрешните работи на другите земји и цврсто ја застапува сопствената политика на немешање.
Одговарајќи на прашање за иднината на руско-американските односи, Песков изјави дека тие во моментов се на историски најниско ниво и дека траекторијата на односите на крајот ќе зависи од следната американска администрација.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.