Beyza Binnur Dönmez
19 Јули 2019•Ажурирај: 20 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот сенатор Чак Шумер побара од Федералното истражно биро (ФБИ) да ја истражи апликацијата „FaceApp“ откако се појавија гласини дека Русија ги искористува податоците на оваа апликација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шумер на профилот на Твитер изрази загриженост дека преку оваа апликација податоците на американските граѓани би можеле да завршат во рацете на, како што рече тој, непријателски страни.
„Сериозно сум загрижен во поглед на заштитата на податоците кои се собираат, како и поради тоа дали корисниците воопшто се свесни кој би можел да има пристап до нив“, изјави сенаторот.
„Поради тоа, апелирам до ФБИ веднаш да ги преземе потребните чекори за да го ублажи ризикот што го претставува собирањето на податоците преку оваа апликација“, додаде тој.
Неговиот повик за истрага следуваше откако Демократскиот национален одбор на САД ги предупреди претседателските кандидати за изборите 2020 и нивните активисти да не ја користат апликацијата „FaceApp“.
„Wireless Lab“, компанијата со седиште во Санкт Петербург, која ја креираше апликацијата „FaceApp“, соопшти дека не ги зачувува трајно фотографиите на корисниците и не собира нивни податоци, туку само вчитува одредени фотографии кои корисниците ги одбрале за уредување.