ИСТАНБУЛ (AA) - БЕРК ОЗКАН/ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ – Во период од 22 јули до 2 август ќе биде одржана 15. Обука за воено новинарство, која ќе биде прва таква обука на арапски јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик генералниот директор и главен и одговорен уредник на АА, Метин Мутаноглу, истакна дека сè е подготвено за почеток на Обуката за воено новинарство, која за прв пат е на арапски јазик и ќе ја посетат новинари од 12 држави.
Обуката ја организира Anadolu Agency во соработка со Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА).
Мутаноглу рече дека АА од 2011 година ја основала Академијата за новинарство и дека оваа академија оттогаш годишно организира две или три обуки за воено новинарство. Обуката ја посетуваат новинарите на АА, како и новинари од другите медиуми од Турција и другите земји.
„Во последните години оние што ја посетуваат обуката се и претставници на меѓународните медиуми, посебно новинари кои работат во регионите зафатени со војни и кризи. Обуката така доби и локален и меѓународен карактер. Станува збор за опсежни, квалитетни и стручни обуки“, рече Мутаноглу.
- Првенствена цел на Обуката за воено новинарство е заштита и безбедност на новинарите -
Истакнувајќи дека во Обуката за воено новинарство се вклучени истакнати турски институции, како што се Полициската академија, Турските вооружени сили, Агенцијата за вонредни ситуации (АФАД) и Црвената полумесечина, Мутаноглу рече дека обуките се одржуваат на полигоните на кои се спремаат и турските полицајци.
„Обуката ја држат стручни предавачи и полициски и воени експерти. Вклучени се обуки за прва помош, напредно управување со возило и други. Основна цел е да се оспособат новинарите за преживување во текот на работата и во воени или кризни зони. Затоа обуката е доверена на стручен персонал“, рече Мутаноглу.
Мутаноглу рече дека по Арапската пролет во регионот во кој се наоѓа и Турција дошло до големи турбуленции и хаос.
„Хаосот и судирите се појавија во Сирија, Палестина, Ирак, како и на Крим. Важно ни е новинарите кои ги следат случувањата во регионот да бидат подготвени да се заштитат. Затоа им пруживме прилика во вид на обука за тоа“, порача Мутаноглу.
Претстојната Обука за воено новинарство е подготвена за потребите на новинарите од арапскиот свет, кои работат за медиумите што ги следат случувањата во кризните подрачја.
„Обуката за воено новинарство ја нарекуваме и како обука за однесување во кризни зони. Новинарите ги подготвуваме и за известување од масовни протести и други настани кои неретко се трансформираат во немири во кои е загрозена и безбедноста на новинарите. Наша задача е да ги упатиме како да го поминат сето тоа без проблем“, рече Мутаноглу.
Обуката вклучува теоретска и практична настава. На полигоните новинарите поминуваат вежби за однесување во случај на експлозии, големи количини солзавец и други појави, кои можат да им се случат во кризните подрачја. Вежбите вклучуваат и симулација на киднапирање новинари.
„Новинарите што ќе ја поминат оваа обука се појаки и повниматели во текот на работата во кризните зони. АА во такви зони никогаш не испраќа новинари кои не поминале слична обука“, рече Мутаноглу и додаде дека во светот постојат слични примери за обуки на новинарите, но дека ниту една не е детална во практичниот дел колку што е обуката што ја спроведува АА.
„Сакаме да ја брендираме Обуката од воено новинарство. Сакаме оваа обука да ја поминат нашите колеги од целиот свет. Сакаме оваа обука да ја промовираме во светот. Турција е соодветно место за тоа бидејќи се наоѓа во регионот во кој постојат големи кризи“, заклучи Мутаноглу.
- Прва Обука за воено новинарство на арапски јазик -
Директорот на Академијата за новинарство на АА, Чихангир Ишбилир, исто така истакна дека со обуката новинарите се подготвуваат за сигурна работа во подрачјето на воените дејствија, судири и природни катастрофи.
„Обуката трае 12 дена, вклучува вкупно 112 часа и тоа 40 часа теоретска настава, а остатокот е практичен дел. Обуката е подготвувана во согласност со сите сценарија кои можат да им се случат на новинарите во текот на работата во кризните зони“, рече Ишбилир.
Тој рече дека 60 отсто од судирите во светот се водат во доминантно муслимански региони и додаде дека е неопходно добро да се обучат новинарите за сигурно и професионално известување од тие региони.
„Според достапните информации, во воените зони минатата година животот го загубија повеќе од 100 новинари. Некои се убиени со огнено оружје, некои во бомбашки напади, а некои се заробени и убиени. Обуката ги опфаќа сите сценарија со кои новинарот може да се соочи и во упориштата на криза“, рече Ишбилир.
Некои од оние што ја посетуваат Обуката за воено новинарство ќе дојдат директно од воените зони за да се вратат поподготвени на задача.
„Тоа е многу важно бидејќи многу се манипулира со вестите и информациите од местата кои се упоришта на кризите. Политичките субјекти ја користат таа појава. Целта ни е да пружиме обука за точно и професионално известување и безбедност на новинарите“, рече Ишбилир.
Тој најави и дека програмата на обуката ќе биде продолжена и во наредните години бидејќи постои интерес за тоа и не е соодветно на различни задачи да се испраќаат новинари кои не поминале дополнителна подготовка за тоа.
news_share_descriptionsubscription_contact
