Alma Çekovic
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американското списание „Forbes“ (Форбс) ја прогласи германската канцеларка Ангела Меркел за најмоќна жена во светот и за 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова е седма година по ред германската канцеларка да е прогласена за најмоќна жена на светот, според проценката на „Forbes“, а 12. вкупно, потсетува „The Guardian“ (Гардијан).
Меркел, водечкото место на листата на Форбс го зацврсти по победата на сојузните избори во септември оваа година, на кои го освои четвртиот последователен мандат на канцеларка.
Втора по ред најмоќна жена во светот е британската премиерка Тереза Меј, и покрај тешката година во која нејзината партија не успеа да го освои парламентарното мнозинство на општите избори одржани во јуни. Нејзниот пристап кон Брегзит - процесот кој ќе има делекусежни последици за Велика Британија и за остатокот од Европа - влијаеше Меј, и покрај политичката фрагилност, да остане една од водечките светски политички фигури.
Трета на листата 100 најмоќни жени на светот е филантропот и американската деловна жена Мелинда Гејтс. Четврда е Шерил Сандберг, извршната директорка на „Facebook“ (Фејсбук), а петта е Мери Бара, извршната директорка на „Џенерал Моторс“ (General Motors).
Првпат на листата 100 најмоќни жени на „Forbes“ се најде и Иванка Трамп, ќерката и советничка на американскиот претседател Доналд Трамп. Таа во конкуренцијата го зазеде 19. место. Освен неа, меѓу 100-те најмоќни жени за првпат се наоѓаат и Ники Хејли, американската амбасадорка во ОН (43. место) и актерката и амбасадорка на УНИЦЕФ за добра волја Пријанка Чопра (97. место).
Поранешната американска прва дама Мишел Обама не се наоѓа на листата на „Forbes“, откако минатата година ја напушти Белата куќа, по истекувањето на мандатот на нејзиниот сопруг Барак Обама. Хилари Клинтон, која на листата се појавуваше секоја година од 2004, падна од второ место (на кое беше во 2016 година), на 65. место.