Анкета: 62 отсто од Израелците сметаат дека Нетанјаху треба да поднесе оставка поради нападот на 7 октомври 2023 година
Анкетата покажа дека 62 отсто од испитаниците поддржуваат оставка на Нетанјаху, додека 29 отсто се против. 19 отсто од испитаниците немаат мислење
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Новата анкета покажува дека 62 отсто од Израелците сметаат дека премиерот Бенјамин Нетајаху треба да поднесе оставка поради одговорноста за неуспесите што доведоа до нападот на 7 октомври 2023 година, пренесува Анадолу.
Анкетата објавена од израелскиот дневен весник „Маарив“ денес покажа дека 62 отсто од испитаниците поддржуваат оставка на Нетанјаху, додека 29 отсто се против. 19 отсто од испитаниците немаат мислење.
Меѓу гласачите од опозицијата, 93 отсто се согласуваат дека Нетанјаху треба да поднесе оставка, наспроти 31 отсто од гласачите на коалициските партнери во Владата.
Забележително е дека 18 отсто од гласачите на Ликуд, партијата на Нетанјаху, исто така сметаат дека тој треба да го напушти премиерското место поради неуспехот да го спречи нападот.
И покрај критиките, Нетанјаху постојано одбива да преземе одговорност, префрлувајќи ја вината на Армијата.
Анкетата исто така покажа дека само 28 отсто од Израелците веруваат дека договорот за размена на затвореници и прекин на огнот во Газа ќе биде целосно спроведен. Од друга страна, 39 отсто очекуваат тој целосно да биде игнориран, додека 33 отсто остануваат неодлучни.
Доколку изборите се одржат денес, опозицискиот блок би освоил 59 од 120 места во Кнесетот, додека коалицијата на Нетанјаху би добила 51 место. Арапските партии се предвидува да имаат 10 места.
По оставката на лидерот на крајно десничарската партија Оцма Јехудит, Итамар Бен-Гвир, и започнувањето на првата фаза од прекинот на огнот во Газа, Ликуд би освоил 21 место, што е две места помалку од претходната недела.
И покрај овие промени, нема индикации дека изборите се блиску, бидејќи Нетанјаху одбива да ги распише, наведувајќи ја тековната војна како причина.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што е прекината геноцидната војна на Израел во енклавата, каде што од 7 октомври 2023 година досега убиени се речиси 47.300 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се најмалку 111.500.
Договорот за прекин на огнот, кој се состои од три фази, вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Во израелската офанзива исчезнаа над 11.000 луѓе, предизвикано е огромно уништување и хуманитарна катастрофа во која животите ги загубија многу постари лица и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење за Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.