Ekipa
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
ИДЛИБ (АА) - Асадовиот режим и странските терористички групи поддржани од Иран, и покрај Договорот од Сочи постигнат за заштита на примирјето, извршија операција на инфилтрирање во подрачјата на зоната на деескалација во Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Припадници на Асадовиот режим и терористичките групи синоќа се обидоа да се инфилтрираат во линиите на опозицискиот воен фронт во зоната разоружена од тешко оружје во рамки на Договорот од Сочи, која се наоѓа во границите на зоната на деескалација во Идлиб.
Според информациите добиени од опозициските воени извори, синоќа бил сузбиен обидот на силите на режимот за напад врз фронтовите на воената опозиција, „Ел Кетибе“ и „Ел Мехџуре“, во источниот дел на Идлиб.
„Силите на режимот се обидоа да се инфилтрираат во некои линии на фронтот. Настана вооружен судир, и тоа беше сузбиено. Силите на режимот во последно време започнаа со напади со дронови. Синоќа извршија напад со дронови во руралното подрачје во северниот дел на Хама. Опозицијата успеа да сруши два дрона“, истакна Наџи Мустафа, портпарол на Националноослободителниот фронт при Слободната сириска војска.
- Продолжуваат нападите на режимот врз цивилните населени места -
Директорот на Цивилната одбрана во Идлиб, Мустафа Хаџ Јусуф, нагласи дека силите на режимот извршиле артилериски напади врз различни места во Идлиб.
„Пет цивили се повредени на фарми во западниот дел на Ебу Зухур, во источниот дел на Идлиб. Руралните подрачја на Џерџеназ и Џиср еш Шугур во јужниот и југоисточниот дел на Идлиб беа изложени на копнени напади“, додаде Јусуф.
Од 17 септември, денот на потпишување на Договорот од Сочи, па досега, во нападите на силите на режимот загинаа најмалку 33 лица во Идлиб, а голем број лица се повредени.
Силите на режимот продолжуваат со напади, додека воената опозиција на 10 октомври го повлече тешкото вооружување од местата определени во постигнатиот договор.