Ayhan Şimşek
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
БЕРЛИН (АА) - Признавањето на Палестина како држава од страна на Европската Унија (ЕУ) ќе биде неизбежно, доколку Израел продолжи со својот контроверзен план за анексија на Западниот Брег, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За германскиот неделник „Дер Шпигел“ (Der Spiegel), Аселборн апелираше за построг став на ЕУ против планот на израелската Влада за анексија на значителен дел од Западниот Брег.
„Да пишува повратни писма би било понижување за ЕУ, а и значително би си го ослабнала својот кредибилитет“, истакна Аселборн, и предложи посилни мерки, како економски санкции или признавање на Палестина како држава доколку Израел не се откаже од својот план, предвиден да започне на 1 јули.
„Признавање на Палестина. Оваа дебата ќе добие сосема нова динамика, јас дури и ја сметам за неизбежна“, рече Аселборн, истакнувајќи дека таквата одлука нема да бара едногласна одлука од сите 27 земји членки.
Досега девет земји членки на ЕУ ја имаат признаено Палестина како држава, меѓу кои се и Шведска, Унгарија и Полска.
„Ако тоа го направат и останатите, веројатно ќе се постигне многу повеќе од економски санкции“, истакна тој.
Аселборн рече дека плановите на Израел за анексија на Западниот Брег не се разликуваат од потегот на Русија за нелегално анектирање на Кримскиот Полуостров, и дека ова бара заземање посилен став од страна на ЕУ.
„Јас не гледам никаква разлика. Анексија си е анексија. Тоа е грубо кршење на меѓународното право“, нагласи тој.
Високиот дипломат на Луксембург потсети дека Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) исто така зазел јасен став со прогласувањето на еврејските населби за нелегални во неколку резолуции.
„На Блискиот Исток, кој е силно религиски обликуван, може да се каже дека со анексијата се крши и седмата од десетте божји заповеди: Немој да крадеш! Анексијата на делови од Западниот Брег ќе биде токму тоа - крадење“, рече тој.
Охрабрен од таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху минатиот месец објави дека неговата Влада официјално ќе ги анектира Јорданската Долината и сите населени блокови на Западниот Брег.
Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се смета за окупирана територија според меѓународното право, со што сите еврејски населби на тој простор, како и планираната анексија, се нелегални.
Палестинските официјални претставници се заканија дека ќе ги поништат билатералните договори со Израел, ако тој продолжи со планот за анексија, што дополнително ќе го поткопа дводржавното решение за палестинско-израелскиот конфликт.