Selen Temizer
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
АСТАНА (АА) - Како гаранти на мировниот процес кој во Астана се води за Сирија, Турција, Русија и Иран на утринскиот состанок изразија загриженост поради кршење на договореното примирје и најавија поинтензивни заеднички набљудувачки активности на терен, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Казахстан заврши дводневната 11. рунда мировни преговори за Сирија, а шефот на казахстанската дипломатија и домаќинот на преговорите, Кајрат Абдурахманов, ја прочита заедничката изјава на учесниците.
Во текот на преговорите одржани се билатерални и трилатерални консултативни состаноци, а на главниот собир присуствуваа и делегација на сирискиот режим на Башар ал Асад и претставници на сириската опозиција.
Во заедничката изјава се истакнува неоспорливоста на суверенитетот и територијалната целовитост на Сирија и се најавува борбата против терористичките организации од листата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), со акцент на борбата против ДЕАШ и Фронтот Нусра.
Турција, Русија и Иран најавија дека ќе продолжат со заедничките напори во процесот за решавање на сириската криза, и се спротивставија на сите сепаратистички идеи во Сирија.
Сите учесници се согласни и за неопходноста на зачувувањето на примирјето и имплементација на Договорот за воспоставување демилитаризирана зона во Идлиб.
Земјите гаранти изразија загриженост поради кршењето на примирјето и најавија поинтензивни заеднички активности на терен.
Учесниците во преговорите се согласни и во однос на осудата за употреба на забранетото хемиско оружје, како и за неопходноста сите наводи за ваквите инциденти да ги истражи надлежната Организација за забрана на хемиското оружје (OPCW).
Земјите гаранти повикаа и на забрзување на процесот на формирање уставотворна комисија која ќе биде на дневен ред на мировниот процес кој го водат ОН во Женева.
Продолжувањето на преговорите за размена на заробениците во Сирија и подобрување на условите за враќање на сириските бегалци се исто така, ставки за кои согласност постигнаа сите страни во преговорите.
Следната рунда на мировните преговори за Сирија во Астана е најавена за во февруари следната година.