Gamze Türkoğlu Oğuz
12 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - По масовните протести поради растечкото насилство врз жените, властите на Бангладеш подготвуваат воведување смртни казни за силување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Владата на Бангладеш ја усвои одлуката со која највисоката казна за силување се преиначува од доживотна затворска казна во смртна казна.
Портпаролот на Кабинетот, Кандакер Енверул Ислам, изјави дека Парламентот на Бангладеш не е во состојба да организира седница, а дека претседателот на земјата, Абдул Хамид, ќе ја ратификува одлуката за измени на Законот за превенција од насилството врз жените и децата.
Ислам, исто така, изјави дека Владата го одобрила и предлогот за забрзан процес во решавањето на случаите на силување.
Бангладешкиот министер за правда, Анисул Хук, изјави дека очекува претседателот на државара веќе утре да го одобри воведувањето смртна казна за силување.
Веќе неколку недели се одржуваат масовни протести во повеќе градови во Бангладеш поради честите случаи на сексуално насилство.
Невладината организација „Аин-о-Салиш Кендра“ објави извештај во кој се наведува дека во првите осум месеци од оваа година во Бангладеш се регистрирани 889 случаи на силување и дека најмалку 41 жртва починале.
Од оваа организација наведуваат дека стравот од одмазда и долготрајните судски постапки и понатаму доведуваат до тоа поголемиот дел од случаите на насилство и силување на жените да не бидат пријавени на бангладешката полиција.