Dmitri Chirciu
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
МОСКВА (АА) - Министерството за надворешни работи на Русија прогласи двајца дипломати што работат во Амбасадата на Бугарија во Москва за „персона нон грата“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека се работи за двајца вработени во економскиот оддел во Амбасадата на Бугарија.
Се додава дека по тој повод, Атанас Кристин, амбасадорот на Бугарија во Москва, бил повикан во Министерството.
„Амбасадорот е известен дека двајцата вработени во бугарската Амбасада во Москва се прогласени за персона нон грата. Ова е чекор против неоправданата одлука на бугарската Влада“, се наведува.
Министерството за надворешни работи на Бугарија на 23 септември прогласи двајца руски дипломати, акредитирани во таа земја, за персона нон грата, односно непосакувани лица.
Освен тоа, Чешка на 6 јуни, а Словачка на 10 август протераа двајца руски дипломати под сомнеж дека биле шпиони. Норвешка исто така на 18, а Австрија на 24 август одлучија да депортираат по еден руски дипломат.