Furkan Abdula
24 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во рамки на учеството на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот во шпанскиот град Барселона, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари билатерални средби со неговите колеги од Шпанија и Португалија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, на средбите било изразено заемно задоволство од пристапувањето на земјата во Унијата за Медитеранот и била нагласена важноста на регионалниот дијалог и соработка за градење на силни општества во Евромедитеранскиот Регион.
На средбата со неговиот домаќин, заменик-премиерот и министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарес, Османи се осврна на двата надворешнополитички приоритети на Северна Македонија во претстојниот период, европското досие во светло на шпанското претседавање со ЕУ во втората половина на 2023 година и претседавањето со ОБСЕ, како и партнерството во рамки на НАТО.
„Шпанија останува гласен поддржувач на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија“, потенцира министерот Албарез, брифирајќи за шпанското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 година и состанокот на Европската политичка заедница, кој есента 2023 ќе се одржи во Шпанија“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека во фокус на средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо, бил динамизиран политичкиот дијалог по посетата на португалскиот министер за надворешни работи на Северна Македонија во јули оваа година, како и одличната мултилатерална соработка, со акцент на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ идната година.
„Осврнувајќи се на нарушената безбедносна архитектура во Европа, двајцата министри го потврдија сојузништвото во рамки на НАТО, а португалскиот шеф на дипломатијата уште еднаш ја реафирмира цврстата поддршка на нашата забрзана интеграција во ЕУ“, се додава во соопштението на МНР.