Dildar Baykan Atalay
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан истакна дека американскиот претседател Џо Бајден во рамките на посетата на Блискиот Исток што ќе започне утре ќе учествува на Самитот за безбедностa на храната меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Индија и САД, а во Саудиска Арабија ќе се осврне на визијата за Блискиот Исток, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На дневниот брифинг со медиумите во Белата куќа, Саливан се осврна на блискоисточната турнеја на Бајден што ќе започне утре. Претседателот Бајден ќе ги посети Израел, Западниот Брег и Саудиска Арабија.
Наведувајќи дека светот стана поконкурентно место и во тие рамки треба да се одржуваат интензивни односи со Блискиот Исток, Саливан рече дека Блискиот Исток сега е постабилен отколку пред Бајден да ја презеде функцијата.
Нагласувајќи дека првата станица на посетата на Бајден ќе биде Израел, Саливан рече дека американскиот претседател овде ќе има билатерални средби и ќе учествува на самит за безбедноста на храната што ќе се одржи меѓу Израел, ОАЕ, Индија и САД.
Саливан додаде дека во рамките на посетата на Западниот Брег, Бајден ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
- „Бајден не жали за своите изјави за Саудиска Арабија“
Додавајќи дека Бајден од Израел ќе замине во Џеда, Саудиска Арабија, Саливан рече: „Бајден ќе ја објасни својата визија за Блискиот Исток по состанокот на Советот за соработка во Заливот на кој ќе присуствува.“
Саливан подвлече дека Бајден за време на неговата посета на Саудиска Арабија ќе разговара за намалување на цената на нафтата и енергетската безбедност.
Истакнувајќи дека Бајден немал директен контакт со семејството на саудискиот новинар Џемал Кашоги, туку контакт имал неговата екипа, Саливан рече: „Бајден не жали за тоа што го кажа за Саудиска Арабија за време на изборната кампања.“