Ekip
15 Јули 2022•Ажурирај: 16 Јули 2022
ВИТЛЕЕМ (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска изрази песимизам околу успехот за реализирање на дводржавното решение меѓу Палестинците и Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Знам дека целта за две држави изгледа толку далечна, додека понижувањата како ограничувања на движењето и патувањето или секојдневните грижи за безбедноста на вашите деца се реални и непосредни. Палестинците се чувствуваат повредени. Но мора да постои политичко решение“, изјави Бајден на заедничката прес-конференција со претседателот на Палестина, Махмуд Абас, по состанокот во Витлеем на Западниот Брег.
Бајден ја повтори поддршката за дводржавно решение „според принципот од пред 1967 година“.
„Палестинскиот народ заслужува своја држава која е независна, суверена и одржлива“, додаде тој.
Американскиот претседател вети 200 милиони долари на Агенцијата на Обединетите нации на палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA) и дополнителни 100 милиони долари за болниците кои ги опслужуваат Палестинците во окупираниот Источен Ал Кудс/Ерусалим.
Во врска со убиството на палестинско-американската новинарка Ширин Абу Аклех, Бајден рече дека американската администрација „ќе продолжи да инсистира на целосна и транспарентна истрага за нејзината смрт“.
Абу Аклех (51), палестинско-американската новинарка кој работеше за мрежата „Ал Џезира“ со седиште во Доха, беше убиена на 11 мај додека известуваше за израелската воена операција во близина на бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег.
Иако палестинските власти и „Ал Џезира“ го обвинија Израел за убиство на новинарката, Тел Авив негира каква било одговорност.
Бајден во средата пристигна во Израел на своето прво официјално патување во регионот на Блискиот Исток, каде што вети американска заштита во Тел Авив.