Erkan Avci
14 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Поголемиот дел од терористичките организации, ја користат исламската вера за нивните крвави и нихилистички активности, истакна портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ернест на редовната прес-конференција се осврна на вооружениот напад во ноќниот клуб во Орландо, во американската држава Флорида. Во нападот, заедно со напаѓачот загинаа 50 лица.
Со оглед на тоа што напаѓачот, Омар Maтен, претходно ги изразувал своите радикални ставови преку социјалните мрежи, на прашање од новинарите, дали нападот може да се карактеризира како чин на „радикалниот исламски тероризам”, Ернест изјави дека ФБИ работи на утврдувањето на вмешаноста на одредени терористички организации во овој напад, и додаде:
„Многу организации ја користат религијата. Реалноста е дека повеќето од овие организации, исламот го користат за да ги постигнат нивните крвави и нихилистички активности. Тоа во повеќе наврати беше посочено од страна на американскиот претседател Барак Обама”, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.
Тој додаде дека САД, кога станува збор за борбата против ДАЕШ, има сериозна соработка со многу земји од исламскиот свет, нагласувајќи дека жртвите на овие терористи се невини муслимани.
Ернест порача дека ниту претседателот Барак Обама нема да дозволи исламот и тероризмот да се поистоветуваат, односно дека нема да им ја исполни желбата на екстремистите.