Ata Ufuk Şeker
20 Јуни 2022•Ажурирај: 21 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел, главниот град на Белгија, околу 80.000 луѓе протестираа против зголемените трошоци за живот и недоволното покачување на платите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите се собраа пред Северната железничка станица во Брисел, на повик на најголемите синдикати во Белгија.
„Животот е многу скап, сакаме повисоки плати“, пишуваше на огромен екран поставен пред станицата. Демонстрантите држеа и транспаренти „Зголемете ги платите“, „Пари за болниците и училиштата“ и „Стоп за растот на цените“.
Демонстрантите, носејќи знамиња на неколку синдикати, маршираа до Јужната железничка станица. Собрани за време на протестот извикуваа антивладини пароли.
Сообраќајот во централните делови на градот беше прекинат за време на протестот на кој присуствуваа околу 80.000 граѓани.
Исто така, на покана на различни синдикати во Белгија, вработените денеска штрајкуваат барајќи подобри услови за работа и повисоки плати. Во националниот штрајк учествува и обезбедувањето на аеродромот во Брисел.
Патничките авиони денес нема да полетаат од аеродромот во Брисел поради безбедносен штрајк. Бидејќи безбедносната проверка на патниците и багажот не може да се изврши, управата на аеродромот одлучи да ги откаже сите појдовни летови.
Денес аеродромот во Брисел опслужува само дојдовни патници и товар.
Инфлацијата во Белгија минатиот месец се искачи на 8,97 отсто, што е највисоко ниво од 1982 година.