Aysu Biçer
09 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
ЛОНДОН (АА) - Боливија официјално поднесе декларација за интервенција до Меѓународниот суд на правдата (МСП), со цел да се приклучи на тужбата за геноцид во Појасот Газа против Израел, јавува Анадолу.
„Боливија, повикувајќи се на член 63 од Статутот на Судот, до Секретаријатот на Судот достави изјава за интервенција во предметот што се однесува на примената на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид во Појасот Газа (Јужноафриканска Република против Израел)“, се вели во соопштението на МСП.
Според член 63 од Статутот на МСП, секоја држава што е потписничка на Конвенцијата има право да интервенира во постапката.
Овој потег на Боливија значи дека толкувањето на Судот во конечната пресуда ќе биде обврзувачко и за Боливија.
Боливија изрази интерес за толкување на неколку одредби од Конвенцијата за геноцид, вклучително и членови што ги покриваат клучните аспекти, како што се дефиницијата за геноцид, обврските за спречување и казнување на злосторствата и јурисдикцијата на МСП над споровите поврзани со Конвенцијата.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен прекин на огнот, Израел продолжува со бруталната офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Израел оттогаш уби повеќе од 42.000 луѓе, главно жени и деца, а над 97.700 се повредени, објавија палестинските локални здравствени власти.
Поради израелските напади е раселено речиси целото население на територијата, а континуираната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.