Rania R.a. Abushamala
09 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 13 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во израелското бомбардирање на Џабалија во северниот дел на Појасот Газа денес, соопштија медицински извори, известува Анадолу.
Медицински извор изјави дека три лица се убиени, а 15 се повредени во израелското бомбардирање на училиштето „Ал-Рафија“ во Џабалија, каде што се засолнети стотици раселени цивили.
„Уште седум лица се убиени во израелското гранатирање на западниот дел на бегалскиот камп Џабалија“, изјави друг извор.
Тој додаде дека израелските сили гранатирале и група цивили во областа Ал-Фахора во Џабалија, при што се убиени тројца Палестинци.
„Израелскиот напад беше насочен кон група цивили во близина на јеменската болница 'Ал-Саид' во Џабалија, при што се повредени 18 лица“, соопштија од болницата „Ал-Авда“.
Во неделата израелската војска започна нова офанзива врз северниот дел на Газа, тврдејќи дека операцијата имала цел да го спречи Хамас да ја врати моќта во областа.
Во рамките на нападот израелската армија му нареди на палестинското население во Џабалија, Беит Ханун и Беит Лахија да ги напушти своите домови и да се упати кон југ.
Според информациите на репортерот на Анадолу, израелската армија воспоставила цврста опсада околу северниот дел на Газа од сите правци, отсекувајќи го тој дел од градот Газа.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на итен прекин на огнот, Израел продолжува со бруталната офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 42.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 97.700 се повредени.
Поради израелските напади е раселено речиси целото население на територијата, а континуираната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.