Ali H. M.Abo Rezeg
07 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
БАГДАД (АА) - Најмалку две лица загинаа, а шест се ранети во напад на терористите на ДЕАШ врз воена база на курдските сили Пешмерги во северниот ирачки град Киркук, јавува Anadolu Agency (AA).
Официрот на курдските пешмерги, Камран Махмуд, за АА изјави дека петмина терористи на ДЕАШ утринава се обиделе да влезат во воената база „Киван“ и да извршат самоубиствени бомбашки напади.
„Нашите сили убија четворица припадници на ДЕАШ на влезот на базата, но еден терорист успеа да влезе и да активира експлозив во базата”, изјави Махмуд.
Во нападот загинаа двајца припадници на пешмергите, а ранети се најмалку шест лица.
Здружените ирачки сили со поддршка на воздушните сили на меѓународната коалиција, во октомври минатата година покренаа операција на ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ.
Мосул е најголемото упориште на ДЕАШ во Ирак и се наоѓа околу 140 километри северно од Киркук, во кој терористите исто така контролираат одредени подрачја, вклучувајќи го и подрачјето на Хавиџу, во непосредна близина на воената база „Киван“. Во базата дејстуваат и воени советници од земјите на коалицијата, која врши обука на младите припадници на Пешмерги.