Elena Teslova
05 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска во Москва се состана со шефот на ЕУ за надворешна политика, Џозеп Борел, со кого разговараше за почитувањето на човековите права за време на протестите во Русија, Европа и САД, како и за случајот во врска со Навални, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференцијата во Москва, Лавров и Борел изјавија дека имале несогласувања на неколку теми.
Борел изрази загриженост во врска со апсењата на протестите во Русија и повика на ослободување на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
„На Лавров му ја пренесов мојата длабока загриженост во врска со случајот „Навални“ и го повторив мојот повик за ослободување на Навални, како и за непристрасна истрага за неговото труење“, рече Борел.
Запрашан за можните санкции против Русија во врска со случајот „Навални“, Борел изјави дека до денеска ниту една држава на ЕУ не дала таков предлог, но дека дискусиите ќе продолжат на состанокот на Советот на министри на ЕУ кој ќе се одржи во март.
„Мојата посета на Москва е дел од подготвителната работа за состанокот, каде што понатаму ќе разговараме за нашата стратегија во однос на Русија“, рече тој.
Од своја страна, Лавров се осврна на „двојните стандарди“ на ЕУ за време на протестите, велејќи дека полицијата во ЕУ и САД постапува многу построго - користејќи гумени куршуми, солзавец и физички напад за да ги разбрка демонстрантите, додека во Русија не се применуваат такви средства.
Тој исто така изјави и дека покриеноста на вестите е исто така пристрасна, и дека при објавувањето на вести за протести во Русија, западните медиуми покажуваат како полицијата реагира, но не и што ја испровоцирало таквата реакција.
Што се однесува до можните санкции, Лавров рече дека Русија ја смета ЕУ за „несигурен партнер“, што „сѐ повеќе прибегнува кон еднострани ограничувања кои немаат легитимна основа“.
Сепак, Лавров рече дека обете страни го потврдиле својот интерес за одржување и проширување на каналите за дијалог, вклучително и за прашања за кои ставовите се разликуваат.
„Ја нагласивме нашата подготвеност да соработуваме прагматично онаму каде што е интересно и корисно за обете страни. Имаме заедничко мислење дека понатамошното деградирање на односите ќе резултира со негативни и многу непредвидливи последици“, рече министерот.
- Борел му честиташе на Лавров на развојот на вакцината „спутник V“ -
Борел ѝ честиташе на Русија за вакцината „спутник V“, која неодамна доби позитивен извештај во меѓународното медицинско списание „Лансет“.
„Со задоволство прочитав извештај објавен во престижното научно списание „Лансет“ во врска со руската вакцина „спутник V“ и нејзината висока ефикасност. Се надевам дека сега Европската агенција за лекови ќе може да ја потврди оваа вакцина за употреба во земјите членки на ЕУ. Како што знаете, во ЕУ имаме недостиг на вакцина против коронавирусот“, рече тој.