Barış Seçkin
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
РИМ
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, истакна дека е на мислење дека Турција и ЕУ имаат заеднички интереси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борел преку видеоконференција учествуваше на Форумот за дијалог „МЕД-Медитеран“, кој оваа година се одржува по шести пат во организација на италијанското Министерство за надворешни работи и Институтот за меѓународни политички студии (ISPI).
На прашањето за неговите ставови во однос на односите помеѓу ЕУ и Турција, за кои ќе се разговара и на Самитот на лидерите на ЕУ, Борел рече:
„Тоа е најтешкото прашање кое треба да го решиме. На последниот состанок на Европскиот совет (Самитот на лидерите) на 1 октомври беше донесена одлука во следните месеци со турската страна да се започне дијалог со позитивна агенда и да се види резултатот од тоа. Но, во овие месеци не видовме многу позитивни сигнали од Турција. Особено за кипарското прашање, областите за сондажа, а исто така не напредуваат и турско-грчките разговори.“
Истакнувајќи дека на Самитот ќе се донесе одлука врз основа на тие настани, Борел нагласи: „Мислам дека Турција и ЕУ имаат заеднички интереси, особено во добрососедските односи. Турција стои таму и ќе остане таму. Има регионални цели. Треба да го разбереме тоа дека Турција е домаќин на 3,5 милиони Сиријци. Треба да се грижиме за нив и да им помогнеме. Треба да продолжиме да им помагаме. Таа помош не е за турската Влада, туку за сириските бегалци.“
За моменталната состојба во пресрет на Самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи следната недела, Борел истакна:
„Во моментов нема некоја позитивна состојба. Дали е време сега да се понуди подобро партнерство и соседство, време е да се погледне тоа. Ако тоа не е можно, Европскиот совет мора да донесе одлука. Сите членки мора да имаат заедничка одлука. Режимот на санкции на ЕУ бара одобрување од сите членки. Од сега не можам да го знам резултатот од Самитот (10-11 декември). Јас само ги подготвувам алтернативите.“