Mustafa Deveci
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили ранија петмина Палестинци, меѓу кои и 14-годишно момче, во демонстрациите против нелегалните еврејски населби и Sидот на поделбата, познат како Sид на срамот на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Палестинците одржуваа демонстрации во различни делови на Западниот Брег, меѓу кои и во селото Мугајир и во малото гратче Кефр Малик во Рамала, во знак на протест против нелегалните еврејски населби и Sидот на поделбата.
Израелските сили интервенираа на демонстрациите со вистински, пластични куршуми и со солзавец. Палестинците возвратија со фрлање камења.
Локални извори известија дека израелските сили со куршум повредиле 14-годишно момче и четворица Палестинци во селото Мугајир.
Палестинската Црвена полумесечина истакна дека палестинското момче, кое е застрелано во стомакот со вистински куршум, е хоспитализирано во Рамала и неговата состојба е тешка.
По окупацијата во 1967 година, Израел на подрачјето на палестинскиот Западен Брег изгради над 250 нелегални населби во кои моментално живеат над 400.000 еврејски доселеници. Според меѓународното право, новоизградените еврејски населби имаат статус на нелегални населби, што е потврдено со низа резолуции на Обединетите нации.
Според меѓународното право, сите еврејски населби лоцирани на окупираните територии се сметаат за нелегални.