Selen Temizer
27 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, изјави дека ЕУ би требало да се откаже од принципот на едногласност, кој ја спречува во донесувањето важни одлуки во моментот кога проширувањето е повторно на дневен ред, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел напиша статија во врска со резултатите од минатонеделниот самит на челниците на ЕУ.
„Додека го охрабруваме проширувањето на ЕУ, би требало да вложиме сличен напор за реформа на ЕУ и нашето носење одлуки. Затоа што проширената ЕУ би требало да може да делува полесно. Тоа исто така значи намалување на обемот на правилата за консензусот во надворешната политика и други области, донесување повеќе одлуки со квалификувано мнозинство гласови“, наведе Борел.
Тој истакна дека на ЕУ ѝ требало еден месец да го прифати шестиот пакет санкции против Русија кон крајот на мај, меѓутоа некои од ставките договорени во Советот (како што е санкцијата за патријархот на Руската православна црква, Кирил) не можеа да се одразат во конечниот пакет.
„Слична динамика доживеавме во започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, при што една земја (Бугарија) ја блокираше одлуката која сите останати би можеле да ја прифатат“, наведе Борел.
Истакна дека системот на едногласност има негативни последици по кредибилитетот и ефикасноста на ЕУ.
Борел наведе дека идејата за Европска политичка заедница на францускиот претседател Емануел Макрон ја прифатиле сите лидери на самитот.
„Европската политичка заедница може да им овозможи на земјите кандидати веднаш да учествуваат во различни политики на ЕУ. Исто така може да опфати, ако сакаат, одредени земји од кои не се бара да се приклучат кон Унијата, како што се Норвешка, Швајцарија или Велика Британија“, наведе Борел.