Zuhal Demirci
04 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
ЛОНДОН
Велика Британија, која е една од земјите со најголем број остварени летови на куси релации со приватни авиони во Европа, се наоѓа на првото место на европскиот континент според загадувањето на воздухот предизвикано од приватните авиони, известува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот што го објави Европската федерација за транспорт и животна средина (Т & Е), емисиите на јаглерод диоксид од приватните авиони во Европа е зголемена за 31 % во периодот 2005 - 2019 година, прикажувајќи побрз раст на емисиите отколку оној на комерцијалната авијација.
Во извештајот се посочува дека приватните авиони имаат непропорционално влијание врз животната средина, и се информира дека еден единствен приватен авион може да испушти до 2 тона јаглерод диоксид во воздухот за само еден час.
Во истражувањето во кое се посочува дека една десеттина од сите летови што полетале од Франција во 2019 година биле направени со приватни авиони, при што половина од авионите поминале помалку од 500 километри, утврдено е дека приватните авиони од 5 до 14 пати повеќе ја загадуваат животната средина отколку комерцијалните авиони (по патник) и 50 пати повеќе од возовите.
Во извештајот се посочува дека повеќето летови во Велика Британија (78 %), исто како и во Франција, биле кратки летови во рамките на Европа, при што се нагласува дека Велика Британија е на прво место во Европа според загадувањето на воздухот предизвикано од приватните авиони.
- „Летањето со приватен авион е веројатно најлошата работа што можете да ја направите за животната средина“
Во студијата се истакнува дека шест од најзагадувачките рути во приватното воздухопловство полетуваат или слетуваат на лондонските аеродроми, при што речиси 40 % од емисијата на јаглерод диоксид во Европа потекнува од приватните авиони на Велика Британија и Франција.
Во извештајот е објавен податокот дека сопствениците на приватни авиони во просек имаат богатство од 1,3 милијарди евра и се наведува дека овие луѓе лесно можат да бидат дел од решението.
Ендрју Марфи, директор на Европската федерација за транспорт и животна средина, на оваа тема ја даде изјавата: „Летањето со приватен авион е веројатно најлошата работа што можете да ја направите за животната средина. Сепак, екстремно богатите супер загадувачи, продолжуваат да летаат како воопшто да не постои климатска криза.“