Ahmet Gürhan Kartal
06 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за безбедност, Бен Волас, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „ултимативно одговорен“ за нападот со нервниот отров на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија Скрипал, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ден по објавувањето на имињата на двајцата руски државјани осомничени за нападот на Скрипал во Солсбери, Валас за „Скај њуз“ (Sky News) изјави дека операцијата на тоа ниво би можела да биде одобрена само од претседателот на државата, лично.
Британските и меѓународните истражители претходно соопштија дека во нападот во Солсбери бил користен нервниот отров „Новичок“.
„Она што ние го знаеме е дека осомничените се военоразузнавачки офицери на должност. Не биле тоа пензионирани разузнавачи, ниту фриленсери“, изјави Волас.
Истакнувајќи дека Воената разузнавачка агенција е една од двете најголеми во Русија, Волас изјави дека оваа агенција одговара на министерот на одбрана, а дека тој министер одговара кај рускиот претседател Путин.
Изјавата на Волас е прво директно обвинение на сметка на Путин од еден високорангиран британски официјален претставник.
Вчера британското Обвинителство соопшти дека Александер Петров и Руслан Боширов се осомничени за нападот на таткото и ќерката Скрипал.
Комесарот на Метрополитенската полиција, Нил Басу, изјави дека осомничените најверојатно користеле кодни имиња и дека Петров и Боширов не се нивни вистински идентитети.
Тој додаде дека осомничените лица во Лондон пристигнале два дена пред нападот во Солсбери кој се случи во март, а за Москва отпатувале набргу по нападот.