Burak Bir
03 Април 2024•Ажурирај: 04 Април 2024
ЛОНДОН (АА) - Британскиот пратеник ја повика Владата да започне истрага за израелскиот напад во кој се убиени хуманитарни работници во Појасот Газа, изјавувајќи дека нападот покажал зошто Велика Британија „треба веднаш да ја запре продажбата на оружје на Израел“, известува Анадолу.
Во писмото до министерот за надворешни работи, Дејвид Камерон, пратеникот од лабуристите Ричард Бургон побара од Владата веднаш да започне истрага за тоа дали оружјето што Велика Британија го испорачала е користено во израелскиот воздушен напад во Газа во понеделникот во кој се убиени 7 хуманитарни работници на хуманитарната организација Светска централна кујна (СЦК), од кои три лица се британски државјани.
„Овој напад уште еднаш покажа зошто Велика Британија веднаш треба да ја запре продажбата на оружје на Израел, имајќи ја предвид улогата што оружјето би можело да ја одигра во такви смртоносни напади врз Газа, па дури и во воените злосторства што ги извршила израелската Влада“, рече членот на британскиот Парламент од источен Лидс.
Светската централна кујна (СЦК) потврди дека 7 членови на нејзиниот тим се убиени во израелски напад на Газа. Седумтемина убиени хуманитарци се државјани на Австралија, Полска, Велика Британија, Палестина и двоен државјанин на САД и Канада.
Хуманитарните работници „патувале во зоната без судири во два блиндирани автомобили со логотипот на СЦК“, се вели во соопштението.
Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година, во кој беа убиени 32.916 Палестинци.
Обединетите нации објавија дека израелската војна принудила внатрешно да се раселат 85 отсто од населението на Газа, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови. Во енклавата се оштетени или уништени 60 отсто од инфраструктурата.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, но Владата на Израел продолжува да ги спроведува своите планови, што може да се спознае и во вчерашната изјава на премиерот Нетанјаху во врска со убиството на седумтемина хуманитарци.
„Ова се случува во војна, ние го истражуваме тоа темелно. Во контакт сме со релевантните страни и ќе направиме сѐ за да не се повтори вакво нешто“, рече Нетанјаху вчера велејќи дека смртта на хуманитарните работници е „ненамерно убиство на невини“.
Израелската војска ја презеде одговорноста за нападот врз хуманитарниот конвој во централниот дел на Појасот Газа во кој беа убиени седум хуманитарни работници на американската хуманитарна организација Светска централна кујна (СЦК).