İnci Gündağ
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Опозициските пратеници во Англија упатија повик до Владата на Британија да ја признае Палестина во рамките на 100-годишнината од Балфоровата декларација, која предвидуваше да се формира државата Израел на територијата на Палестина, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерката на Британија, Тереза Меј, и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, по повод 100-годишнината од Балфоровата декларација, вечерва во Лондон ќе присуствуваат на вечерата што ја приредува баронот лорд Џејкоб Ротшилд.
Домаќин на вечерата, покрај лорд Ротшилд, ќе биде и Родерик Балфор, како претставник на семејството Балфор.
Откако лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин ја врати поканата, како претставник на главната опозициска партија на вечерата ќе учествува министерката за надворешни работи во сенка, Емили Торнбери.
Торнбери за АА изјави дека меѓународната заедница и Обединетото Кралство имаат заедничка обврска за иднината. „Треба да погледнеме напред и на единствениот пат што води напред, покрај израелската држава во којашто може да се живее и да се биде безбеден, потребно е да постои палестинската држава во којашто може да се живее и да се биде безбеден“, рече Торнбери.
Таа во продолжение истакна: „Важно е дадениот збор во потполност да го исполниме, требно да имаме улога во тоа. Не е можно едноставно во еден момент да се напушти сцената. Одговорни сме да направиме сѐ што е во наша моќ на правилен начин да обезбедиме решение за проблемите меѓу овие две држави“.
Торнбери потсети дека конзервативната влада под раководство на премиерката Меј ќе ја признае палестинската држава, но не може со точност да каже кога тоа ќе се случи. „Затоа ние велиме (за палестинската држава) признајте ја на 100-годишнината од Балфоровата декларација. Треба да ја признаеме палестинската држава. Доколку оваа влада тоа не го стори, тогаш следната лабуристичка влада ќе го стори тоа“, рече Торнбери.
„Потребно е безусловно признавање на палестинската држава“
Пратеникот Том Брејк од опозициската Либерално-демократска партија, потсети дека на годишниот партиски конгрес е донесена одлуката дека е потребно безусловно да се признае палестинската држава и додаде: „Тоа е најдобрата работа што треба да се направи. Како што Израелците имаат право на своја држава, така и Палестинците имаат право на своја држава“.
Брејк истакна дека опозициските патии со поддршка на неколкумина пратеници од Конзервативната партија треба да извршат притисок врз Владата за признавање на палестинската држава. „Но иако во моментов владата го поврзува признавањето со напредокот на мировниот процес и со некои прашања во врска со Хамас, сепак по среде имаме еден основен принцип. А тоа е дека Палестинците имаат право да формираат држава. Тоа треба да биде еден нов почеток, на кој треба да работиме сите партии заедно, со цел владата да го прифати.
Брејк верува дека британската Влада има поинаков став кон признавањето на палестинската држава во споредба со претходните години, и додаде дека позитивно гледа на тоа, иако во моментов во Британија на власт е малцинска влада. Брејк потсети: „Пред неколку години, во Парламентот имаше гласање на коешто со големо мнозинство се застана на патот за признавање на палестинската држава, а владата го немаше потребното мнозинство за да се спротивстави на тоа“.
Брејк истакна дека Британците не го одржале дадениот збор во Балфоровата декларација. „Палестинците немаат што да слават. Тие се измамени од Британија. Втората половина од зборот што го дадовме пред 100 години сѐ уште не е исполнета. Затоа, користејќи ги историските врски што ги имаме со Палестинците, потребно е да се фокусираме на тоа да го исполниме ветеното пред 100 години“, рече Брејк, пратеник на опозициската Либерално-демократска партија.