Ekipa
17 Јануари 2019•Ажурирај: 18 Јануари 2019
НАЈРОБИ (АА) - Бројот на загинати во терористичкиот напад врз хотелскиот комплекс во кенискиот главен град Најроби се искачи на 21, објави доцна синоќа највисокиот официјален претставник на полицијата во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На местото на настанот пронајдени се уште шест други тела, додека еден полицаец им подлегна на повредите во болница“, изјави генералниот инспектор на полицијата, Џозеф Боинет.
„Елиминирани се петмина терористи, а како резултат на истрагите од страна на Дирекцијата за кривични истраги уапсени се двајца клучни осомничени лица за кои се верува дека помогнале многу во изведување на нападот. Тие се наоѓаат во притвор и ѝ помагаат на полицијата во истрагата“, додаде Боинет.
Меѓу загинатите, 16 се кениски државјани, еден Британец, еден Американец и три лица од африканско потекло кои допрва треба да бидат идентификувани.
Милитантите на Ал-Шабаб во вторникот изведоа напад на хотелскиот комплекс „Дусит", активирајќи автомобил бомба пред комплексот.
Тие потоа го нападнаа комплексот со оружје и експлозив.
Безбедносните сили одговорија брзо, безбедно евакуирајќи над 700 лица од хотелот.
Кенискиот претседател Ухуру Кенјата вчера соопшти дека напаѓачите се неутрализирани.
Полицијата потврди дека американскиот државјанин Џејсон Спиндлер, кој го преживеал нападот на 11 септември 2001 година во Њујорк, се наоѓа меѓу загинатите во нападот на хотелот.