Ekipa
21 Ноември 2017•Ажурирај: 21 Ноември 2017
АТИНА (АА) - Бројот на загинатите лица во поплавите што се случија во Атина минатата недела се зголеми на 21, јавува Anadolu Agency (AA).
Телата на најновите жртви беа пронајдени денес, во раните утрински часови, во близина на автобуска станица во западната атинска населба Мандра, недалеку од местото каде што беа пронајдени две други жртви во саботата, соопшти пожарната служба.
Пожарникарите велат дека операциите на спасување сѐ уште се во тек и ќе продолжат во наредните денови.
Властите најавија итна помош за погодените, вклучително и ослободување од данок од 5.000 евра (5.880 долари) за оштетено домаќинство и 8.000 евра (9.400 долари) за оштетен бизнис, што беше објавено вчера од страна на владиниот портпарол Димитрис Цанакопулос.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на својот говор во Парламентот, на дебата за финансиската помош што владата треба да ја дистрибуира до лицата со ниски примања и пензионери, за катастрофата ги обвини градежништвото и урбанистичкото планирање во изминатите децении во земјата.
„Ова е нeвидена катастрофа предизвикана од исклучително екстремен феномен“, рече тој, додавајќи дека поплавите на најтрагичен начин ги откриле криминалните и неоправдани политички избори во децениите градежништво и урбанизам.
„Кога со децении сте рамнодушни кон природата, доаѓа времето кога таа (природата) се одмаздува. Цената во овој случај е голема, а болката длабока. Сликите што ги видов беа шокантни. Нашата посветеност во однос на настраданите лица е приоритет и наша обврска“, додаде тој.
Поплавите што ги погодија подрачјата Неа Перамос, Мегара и Мандра се една од најголемите катастрофи, во којашто патиштата беа претворени во брза река од кал, заробувајќи ги патниците во нивните автомобили и жителите во нивните домови.