Selen Temizer
17 Декември 2021•Ажурирај: 18 Декември 2021
БРИСЕЛ
Новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, истакна дека ставот на неговата влада за кризата меѓу Украина и Русија е целосно компатибилен со НАТО и Европската Унија (ЕУ) и дека со задоволство ќе преземе дипломатска улога како посредник за ова прашање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Петков, новиот премиер на Бугарија, се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на НАТО во Брисел.
На заедничката прес-конференција одржана по средбата, Петков, истакнувајќи дека неговата влада ќе има конструктивен пристап во Алијансата, рече дека сака позитивно да придонесе за безбедноста на Црното Море, и особено на Балканот.
На новинарско прашање дали Бугарија би сакала да дејствува како посредник во украинската криза во рамките на нејзините блиски односи со Русија, Петков рече: „Ние целосно се согласуваме со НАТО и Европската Унија за Украина. Во овој поглед, ние сме исто така отворени да дадеме секаков вид на придонес. Единственото решение е дипломатијата.“
- Потребата од втор мост на Дунав меѓу Бугарија и Романија
Петков, наведувајќи дека единствената природна граница меѓу Бугарија и Романија е мостот на Дунав, рече дека вториот мост што ќе се изгради во рамките на стратешките инфраструктурни инвестиции на НАТО може да се користи и за цивилни и за воени цели.
Бугарскиот премиер истакна дека би било соодветно на овој начин да се постигне целта од 2 отсто придонес во заедничкиот буџет.
Земјите членки придонесуваат во заедничкиот буџет на НАТО според формулата за поделба на трошоците заснована на нивниот бруто-национален производ.
НАТО сака членките од буџетот да одвојат најмалку 2 отсто за трошоците за одбрана.
- НАТО ги пофали бугарските одбранбени инвестиции
Столтенберг истакна дека посетата на Петков на НАТО во првите денови по неговото доаѓање на функцијата ја покажува неговата посветеност кон Алијансата.
„Благодарен сум за различните придонеси на Бугарија за нашата заедничка безбедност во стратешкиот регион на Црното Море и за патролите на НАТО во регионот, вклучително и за бродовите. Ги поздравувам и вашите неодамнешни инвестиции во нови воени авиони, поморски патролни бродови и оклопни возила“, нагласи Столтенберг.
Меѓу другото, Столтенберг истакна дека Бугарија, со учеството во мисијата на НАТО на Косово покажува дека работи на обезбедување стабилност на Западен Балкан.
Наведувајќи дека со Петков разговарале за прашањето за Украина, Столтенберг го повтори својот повик до Русија „да ја запре тензијата“.