Ahmet Gürhan Kartal
10 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада ја изрази својата загриженост во врска со ситуацијата на турско-грчката граница, нагласувајќи ја неодамнешната криза предизвикана од континуираното брутално насилство од страна на сирискиот режим и Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашањето во врска со неодамнешната ситуација на границата, во Долниот дом на Парламентот, министерот за надворешни работи, Најџел Адамс, изјави дека неодамнешното насилство во регионот доведе милиони бегалци во Турција и подалеку.
„Клучот за оваа ситуација е дијалогот, затоа ги поздравуваме вчерашните разговори со турскиот претседател“, изјави Адамс, осврнувајќи се на состанокот на Ердоган со високи официјални претставници на ЕУ во врска со Договорот за бегалците склучен во 2016 година меѓу Турција и ЕУ.
Адамс изјави дека Велика Британија ќе го продолжи Договорот меѓу ЕУ и Турција бидејќи е клучен во справувањето со миграцискиот бран и ќе го спречи ризикувањето на животите на луѓето во Егејското Море.
„Во исто време, ја признаваме дарежливоста на Турција и товарот што го носи во правец на поддршката на милиони бегалци кои избегаа од граѓанската војна во Сирија“, додаде Адамс.
Министерот рече дека Грција и Турција се соочуваат со миграциски предизвици и дека Велика Британија дава поддршка во однос на тоа.
„Главната причина за миграциската состојба е невнимателната и брутална природа на сирискиот режим и руската офанзива во Идлиб“, рече Адамс.
Поздравувајќи го неодамнешниот Договор за прекин на огнот меѓу Турција и Русија, Адамс исто така рече дека Велика Британија го поддржува политичкиот дијалог за обезбедување на траен прекин на сирискиот конфликт.
Адамс исто така ги повика сирискиот режим и неговите поддржувачи да се посветат на мировниот процес во Сирија, со тоа што ќе работат со добра волја за Уставниот комитет во Женева.
Договорот од 2016 година имаше за цел да ја спречи миграцијата преку Егејското Море со преземање построги мерки против трговците со луѓе и подобрување на условите на околу 3 милиони сириски бегалци во Турција.
„Но, оттогаш бројот на сириските бегалци во Турција се зголеми на 3,7 милиони или повеќе, заедно со новиот бегалски бран од милион или повеќе пристигнати од Идлиб“, посочија турските власти.
Анкара повеќепати го осуди неодржувањето на ветурањата на Европа согласно договорот.