Zuhal Demirci
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот државен министер за одбрана, Џејмс Хепи, истакна дека „сите опции се на маса“ во однос на тоа како Западот ќе одговори на руската употреба на хемиско оружје во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Хепи, во изјавата за медиумите по наводите дека Русија користела хемиско оружје во украинскиот град Мариупол, рече дека британската Влада сè уште не може да ги потврди извештаите за употреба на хемиско оружје.
„Меѓутоа, доколку се докаже дека употребата на хемиско оружје е точна, рускиот претседател Владимир Путин треба да знае дека 'сите опции' се на маса за тоа како Западот ќе одговори“, рече министерот Хепи.
На прашањето дали тоа би значело директно вклучување на НАТО, Хепи одговори: „Сите опции се на маса.“
- „Клучен момент за тоа лидерите да размислат како ќе одговориме на ова“ -
Посочувајќи дека Путин треба да биде свесен за „неприфатливоста“ на употребата на хемиско оружје, Хепи рече: „Не треба да очекуваме Западот да не покаже реакција на употребата на ова оружје.“
Истакнувајќи дека има некои работи што ги преминуваат границите и дека е важно дека употребата на хемиско оружје да добие одговор, Хепи подвлече дека на маса се опциите за тоа каков може да биде овој одговор.
„Доколку е употребено хемиско оружје, ова е клучен момент за нашиот премиер (Борис Џонсон) и другите шефови на влади низ светот да размислат како ќе одговориме“, рече Хепи.
Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, исто така, вчера на својот профил на Твитер напиша дека нејзината земја работи со своите партнери за да ги потврди деталите од извештаите дека руските сили можеби користеле хемиско оружје во нападот во Мариупол.