Ekipa
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада воведе нови мерки со цел олеснување на кризата со гориво што ја зафати Велика Британија, што придонесе создавање долги редици пред бензинските пумпи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мерките, кои се наменети за понатамошно ублажување на притисокот во синџирот на снабдување и растот на побарувачката на гориво, ја вклучуваат војската во преземањето на одговорноста што вообичаено би ја имале возачите на камиони. Но, со Брегзит и пандемијата на коронавирусот дојде до логистички колапс во снабдувањето со енергетски агенси низ целата земја.
„Иако индустријата за гориво очекува побарувачката да се врати на нормално ниво во наредните денови, правилно е да го преземеме овој разумен, претпазлив чекор. Велика Британија и понатаму има големи резерви на гориво. Како и да е, свесни сме за проблемите со синџирот на испорака до бензинските станици и преземаме чекори во таа насока како приоритет“, рече британскиот сектетар за бизнис Кваси Квартенг.
„Доколку е потребно, воен персонал ќе го потпомогне синџирот на снабдување со дополнителен капацитет како привремена мерка за олеснување на притисоците предизвикани од растот на побарувачката за гориво“, додаде Квартенг.
Според британското Министерство за одбрана, возачите на цистерни при британската Армија ќе бидат ставени во таканаречена состојба на готовност во случај да бидат распоредени за доставување резерви на гориво до оние места кои имаат најголема потреба и да обезбедат гаранции дека резервите на гориво ќе останат стабилни и флуидни. Единиците ќе добијат специјализирана обука пред распоредувањето.
„Мажите и жените припадници на нашите Вооружени сили се подготвени да ги ублажат транспортните притисоци онаму каде што се чувствуваат најмногу. Затоа овластив нивна зголемена подготвеност, тие се спремни да одговорат доколку е потребно“, изјави британскиот секретар за одбрана Бен Валас.
Министерството за транспорт, исто така, одобри продолжување на дозволите што ќе им овозможи на возачите да транспортираат тешка и индустриска стока како што е горивото. Продолжувањето има за цел да обезбеди брза надокнада на недостатокот на возачи на гориво, дозволувајќи им на оние со истечени дозволи да ја продолжат својата работа.
Велика Британија се соочува со криза во испораката на гориво, а не со недостаток на гориво. Нејзиното заминување од Европската Унија стави крај на слободата на движење поради што голем број европски работници ги напуштија главните сектори во економијата, вклучувајќи го и транспортот. Недостатокот на возачи на камиони резултираше со нерамнотежа во испораката на гориво низ целата земја.
Пандемијата на коронавирусот и последователните карантини, исто така, одиграа голема улога врз снабдувањето и испораката на енергија, при што економијата беше во застој, а работниците беа отпуштани или пуштани на одмор поради падот на приходите и заработката. Секторот за транспорт и дистрибуција беше силно погоден од пандемијата, што резултираше со оваа најнова криза.