Ayşe Aktaş
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, соопшти дека неговата земја ќе одржи воена вежба, јавува Anadolu Agency (AA).
Мадуро во своето обраќање пред провладините демонстранти кои се собраа пред претседателската палата Мирафлорес во Каракас, истакна дека издал наредба до началникот на Генералштабот за да почнат подготовките за воена вежба што ќе се одржи на 26 и 27 август.
Мадуро ги опиша како „груби, прекумерни и дрски“ изјавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој изјави дека воената интервнција е опција за решавање на политичката криза во Венецуела.
Исто така, министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез, на една прес-конференција нагласи дека ќе се состане со сите органи на одбраната во врска со заканите за владата.
„Ниту една нација не ќе може да ни го одземе правото да бидеме слободни и независни. Ги повикуваме сите тие што ја сакаат својата земја да застанат против оваа несреќна закана“, вели Лопез.
„Имаме повеќе опции за Венецуела. Во меѓувреме, да не ја отфрлиме воената опција“, истакна Трамп во саботата, во врска со решавањето на политичката криза којашто продолжува по изборите за националното конститутивно Собрание во Венецуела.
Покрај спротивставувањето на опозицијата и критиките на меѓународната заедница, на 30 јуни во Венецуела се одржаа избори за определување на претставниците на конститутивното Собрание со цел да се преработи уставот. Опозицијата која беше против изборите, соопшти дека нема да ги признаат изборните резултати.
Социјалното незадоволство во Венецуела предизвикано од недостатокот на храна, високата инфлација и зголемените стапки на криминал, на 31 март прерасна во улични демонстрации кога Високиот суд, кој е под контрола на претседателот Николас Мадуро, соопшти дека ги одзема овластувањата на Националниот конгрес.
Најмалку 125 лица го загубија животот во антивладините демонстрации кои траат од март.