Ayhan Şimşek
20 Март 2020•Ажурирај: 21 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Владата на Германија подготвува воведување на полициски час во таа држава за да го спречи ширењето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, Хелге Браун, денеска за „Дер Спигел“ (Der Spiegel) изјави дека властите во претстојниот викенд ќе го следат однесувањето на јавноста и ќе констатираат дали веќе воведените рестриктивни мерки биле ефикасни.
„Сабота е од клучна важност. Особено внимание ќе посветиме тој ден“, изјави Браун.
Меркел в недела би требало да се состане со премиерите на 16 германски покраини и ќе ги ревидира мерките кои таа земја ги спроведува во борбата против коронавирусот.
Германија е трета најтешко погодена земја во Европа. Со коронавирусот во таа земја се заразени 16.666 лица, а починаа 44 лица.
На почетокот на неделата германската Влада ги повика граѓаните да ги редуцираат социјалните активности и нареди затворање на сите субјекти чија работа не е неопходна во овие околности.
Вирусот Ковид-19 се појави во кинескиот град Вухан, Кина, во декември, и се прошири на најмалку 160 земји и територии. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија, а Европа стана новиот епицентар на вирусот.
Досега се потврдени вкупно 245.500 случаи на вирусот. Билансот на починати надмина 10.000, а над 86.000 лица се излекуваа.