Ekipa
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
БАГДАД (АА) - Поради антивладините протести, во ирачки Багдад е прогласен полициски час, јавува Anadolu Agency (AA).
Ирачкиот премиер, Адил Абдул-Махди, издаде наредба на безбедносните сили да спроведат опсежен полициски час со цел заштита на јавниот ред и внатрешната безбедност од демонстрантите, кои извршуваат напади на безбедносните сили и врз јавниот и приватен имот во главниот град Багдад.
Абдул-Махди изјави дека безбедносните сили ќе толерираат вонредни хуманитарни ситуации и патници на аеродромите.
Ахмед Халеф, од полицијата на Багдад, за АА изјави дека полицискиот час утринава стапил на сила и дека ќе се применува до друга одлука. И покрај одлуката, демонстрантите сè уште се на улиците.
- Експлозија во Зелената зона во Багдад, во која се наоѓаат владините згради -
Зелената зона во Багдад, во којашто се сместени владините згради, била цел на два проектила. Во експлозијата нема човечки жртви.
Мајлс Кегинс, портпарол на коалициските сили предводени од Соединетите Американски Држави (САД), потврди дека имало експлозија во Зелената зона и дека нема материјална штета во објектите на коалициските сили.
Ирачките власти сѐ уште не се огласија во врска со експлозијата.
Во Багдад во вторникот започнаа демонстрации против актуелната влада на чие чело се наоѓа премиерот Адил Абдул-Махди. Демонстрациите следуваа по повикот на активистите кои изјавија дека Владата не успеала да го подобри животниот стандард на граѓаните и да ги спроведе потребните реформи.
Во текот на двата дена од протестите загинаа 12 лица.