Ali Cura
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
МИНСК (АА) - Демонстрантите незадоволни од резултатите од претседателските избори во Белорусија продолжуваат да се собираат на улиците низ земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
За време на вчерашните протести, кои не беа претходно најавени, приведени се 114 лица.
Олга Чемоданова, портпаролка на Министерството за внатрешни работи, изјави дека вчера на протестите на 12 различни локации во земјата учествувале најмногу 1.700 луѓе.
Истакна дека за време на демонстрациите биле приведени 114 лица, од кои 99 во главниот град Минск, и дека 87 лица ќе бидат задржани во притвор додека не бидат изведени пред суд.
Додаде дека приврзаниците на претседателот Александар Лукашенко, исто така, одржале собири низ земјата, на кои присуствувале над 50.000 луѓе.
Во Минск се одржаа протести против Лукашенко на кои учествуваа само жени. Речиси 100 жени се собраа на Плоштадот на слободата, иако полицијата побара од нив да се разотидат.
Во еден момент групата жени ги влечеле полицајците за униформите, ги искинале нивните маски и ги спречиле полициските возила да поминат.
Протестите во Белорусија започнаа откако беше објавено дека актуелниот претседател Александар Лукашенко е победник на претседателските избори одржани на 9 август. Многумина изразија незадоволство од овој резултат, обвинувајќи ги властите за местење на изборите. Демонстрантите бараат нови избори и уставни измени.