Ekrem Biçeroğlu
21 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
ЈЕМЕН
Организацијата за човекови права и слободи (SAM) со седиште во Женева соопшти дека во Јемен од почетокот на војната досега загинале 5.700 деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на Организацијата за човекови права и слободи (SAM) по повод 20 ноември, Светскиот ден на детето, во војната што трае веќе 6 години во Јемен, убиени се 5.700 деца, а се нагласува дека јеменските деца се соочуваат со катастрофа поради воената политика на Хусите поддржани од Иран, и на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Во соопштението се истакнува дека 30.000 деца во Јемен биле изложени на прекршувањата од конфликтните страни, и дека околу 2 милиони деца не можат да одат во училиште поради бомбардирањата и поради тоа што училиштата се употребуваат за воени цели.
Во ова соопштение се наведува дека само во градот Таиз загинале 1.000 деца и дека околу 4.000 деца се повредени.
Исто така, во соопштението се осудуваат сите прекршувања извршени против децата, и се упатува апел до Обединетите нации (ОН) да бидат вклучени на црната листа сите страни што вршат вакви напади.
Во Јемен веќе подолго време владее политичка нестабилност. Хусите поддржани од Иран од септември 2014 година под контрола го држат јеменскиот главен град Сана и одредени други подрачја.
Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.
Според Обединетите нации (ОН), во Јемен, каде што се случува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, 80 отсто од населението има потреба од хуманитарна помош и заштита.