Gülşen Topçu, Hamza Z. H. Qraiqea
06 Мај 2026•Ажурирај: 06 Мај 2026
Среде сивилото на урнатините и купиштата заборавен отпад во Газа се раѓа една поинаква приказна за опстанокот. Во импровизирани фабрики и со примитивни методи, пластичните материјали се рециклираат во црева кои се клучни за народот да стигне до водата што му е потребна за пиење, јавува Анадолу.
Палестинците вложуваат натчовечки напори за да најдат решение за кризата со водата која настана по колапсот на инфраструктурата.
Овие проекти, иако започнати со скромна и застарена опрема, имаат една благородна цел: да им ги олеснат маките на луѓето кои од 2023 година чекаат во долги редици за вода, како и на земјоделците кои очајнички сакаат да ги наводнат своите ниви.
Во погоните во северниот дел на Газа, секој дел од пластиката собрана од ѓубриштата внимателно се класифицира и дроби, подготвувајќи ја како суровина за нов почеток.
- Од отпадната пластика прават црева кои ја гаснат жедта на луѓето -
Арафат ел-Касас, сопственик на фабриката за дробење пластика, раскажува дека бидејќи нема увоз на суровини, тие ги користат пластичните делови кои децата и младите луѓе со огромни тешкотии ги извлекуваат од урнатините и отпадот.
Посочувајќи дека илјадници луѓе кои живеат во шаторите имаат потреба од најосновните работи, Касас вели: „Создаваме нешто од ништо. Потребите на луѓето се преголеми. Се трудиме барем малку да им ги олесниме страдањата.“
Халил ер-Рамлави, сопственик на фабриката за производство на црева, објаснува дека со нивните производи им помагаат на раселените луѓе во шаторите, што страдаат од жед, но и на земјоделците кои чекаат да ги наводнат своите посеви.
Користејќи го своето долгогодишно искуство во секторот за пластика, тој решил да најде излез за својот народ:
„Овие црева што ги правиме се вистинско олеснување за Палестинците кои чекаат со часови за малку вода. И јас самиот поминав низ истите маки, па затоа решив преку производство на овие црева да се обидам да најдам лек за болката на овие луѓе.“
- Работат во сектор кој е целосно уништен -
Рамлави раскажува дека индустријата во Газа е речиси збришана и дека 98 отсто од фабриките се срушени. Тие работат во невозможни услови, борејќи се да направат промена со примитивни средства.
Нагласувајќи дека се соочуваат со постојан недостиг од резервни делови, гориво, моторно масло и генератори, тој додава дека поради недостиг на суровини работат под постојан притисок дека секој момент производството може да запре.