Ayhan Şimşek
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската полиција уапси двајца поранешни сириски шпиони кои се товарат за злосторства против човештвото, тортура, злоупотребување и повеќекратни убиства, јавува Anadolu Agency (AA).
Анвар Р. и Ејад A. се уапсени вчера за време на опсежната полициска операција на подрачјето на Берлин и покраината Рајнланд-Пфалц.
Од германското Федерално обвинителство е соопштено дека уапсените се предадени на надлежните институции на понатамошно процесуирање.
Уапсениот 56-годишен Анвар Р. беше службеник на Генералната разузнавачка дирекција на Сирија до септември 2012 година и е осомничен за тортура и злоупотребување на стотици заробеници во озлогласениот затвор „Ал Хатиб“ во Дамаск.
Вториот уапсен, 42-годишниот Ејад А. беше службеник на истата сириска разузнавачка служба и е осомничен за убиство на најмалку две лица. Се товари и за злоупотребување и тортура над повеќе од 2.000 затвореници во Сирија.