Furkan Naci Top
13 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
АТИНА (АА) - Вкупниот број на бегалци и мигранти во Грција ја надмина бројката од 60.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчките власти соопштија дека според официјалните податоци, во последните 24 часа, 183 бегалци по илегални патишта пристигнале на грчките острови.
Според тоа, вкупниот број на бегалци и мигранти во Грција изнесува 60.042 лица.
Во рамките на договорот што го постигнаа Турција и Европа, на грчките острови, во прифатните центри престојуваат 13.171 бегалци, што е речиси двојно повеќе од нивниот капацитет.
Откако започна спроведувањето на договорот меѓу Турција и ЕУ, во споредба со истиот период минатата година, има голем пад во однос на бројот на бегалци што преминуваат на грчките острови, но споредено со бројот на илегални премини во август, во однос на претходниот месец, бројот на бегалци е зголемен за речиси 80 отсто.
Од почетокот на месец септември досега, бројот на бегалците што по илегални патишта пристигнале во Грција изнесува 1.500 лица.
Поради бавниот судски процес на спроведување на договорот меѓу Турција и ЕУ, бројот на вратени бегалци во Турција застана на 502 лица. Според податоците на грчките власти, 3.647 бегалци доброволно ја напуштиле Грција.
По одлуката балканските земји да ги затворат своите граници на крајот од месец февруари, беше прекинат патот на надежта кон Европа, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Грција.