AP
23 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
ТОКИО (АА) - Во вулканска ерупција што се случи денес во близина на скијачко одморалиште во централна Јапонија, повредени се најмалку 16 лица, вклучително и шестмина војници кои беа на обука за скијање, соопштија јапонски официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според наводите на противпожарната служба и Министерството за одбрана на Јапонија, девет лица се повредени од вулкански камења, додека седуммина, меѓу кои шест војници, беа затрупани во снежна лавина.
„Пет цивили кои скијале се здобиле со скршеници, но ниту една повреда не е опасна по живот“, рече Хајато Тобе од регионалната противпожарна бригада.
Јапонскиот министер за одбрана, Ицунори Онодера, истакна дека сите луѓе што биле затрупани во лавината биле спасени и дека неколкумина од шесте војници се здобиле со скршеници.
Тој додаде дека војниците, група од околу 30 војници кои биле на курс по скијање, биле затрупани со лавината половина час по вулканската ерупција, но сите, како и седмиот скијач цивил се успешно извлечени од снегот.
Јапонскиот метеоролошки институт објави дека ерупцијата на планината Кусацу-Сиране избувнала во 10 часот по локално време. Тие истакнаа дека засега немаат докази дека ерупцијата и снежната лавина се поврзани.