Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Levent Tok
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) - Во артилериските напади што од утринските часови ги извршуваат силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и терористичките групи кои ги поддржува Иран, во регионот на градот Идлиб, кој е прогласен за една од зоните за деескалација, ранети се шест цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили продолжуваат со нападите и пред трилатералниот самит за Сирија кој утре ќе се одржи во Сочи, а на кој лидерите на Русија, Турција и Иран ќе разговараат за влошената безбедносна ситуација во Идлиб.
Силите на Асад и терористичките групи кои ги поддржува Иран од утринските часови ги бомбардираат населбите што се наоѓаат на подрачјето прогласено за „зона за деескалација“.
Екипите на локалната Цивилна заштита (Бели шлемови) се на терен и акциите за барање и спасување се во тек.
Споменатите групи вчера извршија повеќе од 100 напади на Идлиб. Во нападите извршени од почетокот на годината загинаа 45, а ранети се повеќе од 210 цивили.
На трилатералниот самит за Сирија, кој утре ќе биде одржан во Сочи, лидерите на Русија, Турција и Иран ќе разговараат за влошената безбедносна ситуација во Идлиб, за процесот на повлекување на американските сили од Сирија и за формирање комитет за пишување на нацртот на новиот устав.
Лидерите на земјите гаранти на процесот од Астана ќе присуствуваат на четвртиот самит за Сирија, а се очекува и присуство на технички делегации од трите земји.
Планирано е и рускиот претседател, Владимир Путин, одвоено да се состане со турскиот колега, Реџеп Таип Ердоган, и со претседателот на Иран, Хасан Рохани.
Се очекува лидерите на трите земји на самитот да испратат пораки за продолжение на соработката, кога станува збор за територијалното единство на Сирија, за заедничката борба против тероризмот и сепаратизмот, односно за зачувување на соработката воспоставена во рамките на процесот во Астана.
Лидерите последен пат се состанаа на 7 септември 2018 година во Техеран, а на тој самит најмногу е разговарано за ситуацијата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб. На самитот во Техеран турскиот претседател Ердоган повика на примирје во Идлиб и заштита на цивилите.
Потоа, Ердоган со рускиот колега Путин на 17 септември 2018 година се состана во Сочи, кога беше потпишан договор за јакнење на примирјето во Идлиб. Во согласност со договорот од Сочи, опозицијата од одредени подрачја го повлече тешкото вооружување, воспоставено е делумно примирје и цивилите започнаа да се враќаат во своите домови. Меѓутоа, кратко потоа, режимските сили и терористичките групи кои ги поддржува Иран, започнаа да извршуваат нови напади на населбите.