Во израелски воздушни напади врз домови во Појасот Газа убиени 40 Палестинци
13 лица се убиени, а неколку други се повредени во израелскиот воздушен напад врз домот на семејството Шахин во јужната област на градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа
АНКАРА (АА) - Најмалку 40 Палестинци се убиени синоќа и утринава во израелските воздушни напади низ Појасот Газа додека израелската геноцидна војна продолжува и покрај напорите да се постигне прекин на огнот, јавува Анадолу.
Цитирајќи локални извори, државната палестинска новинска агенција Вафа објави дека 13 лица се убиени, а неколку други се повредени во израелскиот воздушен напад врз домот на семејството Шахин во јужната област на градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Седум Палестинци беа убиени во израелскиот воздушен напад врз домот на семејството Насар во бегалскиот камп Нусејрат, а уште еден Палестинец беше убиен во друг израелски напад врз кампот во централниот дел на Појасот Газа.
Петмина Палестинци се убиени во два израелски воздушни напади врз два дома во бегалскиот камп Буреиџ.
Очевидци за Анадолу изјавија дека седум Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад, чија цел била училиште во кое се засолниле раселените луѓе.
Во уште еден напад врз домот на семејството Шаат во областа Насер во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа се убиени една жена и четири деца.
Уште двајца Палестинци се убиени во напад со беспилотно летало врз група луѓе во областа Хирбет ал Адас во Рафа.
И покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за итен прекин на огнот, израелската Армија продолжува со геноцидната војна во Газа, во која од 7 октомври 2023 година досега се убиени 46.600 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите постапки во Појасот Газа.