Во израелските воздушни напади во јужен и источен Либан убиени 11 лица
Најмалку пет лица се убиени, а уште две се ранети во израелски воздушен напад чија цел била куќа во источниот регион Баалбек-Хермел...
АНКАРА (АА) - Најмалку 11 лица се убиени денес во израелските воздушни напади извршени врз градови во јужен и источен Либан, јавува Анадолу.
Либанската државна новинска агенција објави дека четворица Либанци се убиени во израелски воздушен напад врз станбена зграда во јужниот град Џебчит во областа Набатије.
Најмалку пет лица се убиени, а уште две се ранети во израелски воздушен напад чија цел била куќа во источниот регион Баалбек-Хермел, додава агенцијата.
Во градот Тир, една жена им подлегна на повредите здобиени неколку дена претходно во израелски воздушен напад врз нејзиниот дом, објави Националната новинска агенција.
Израелски воени авиони, исто така, извршија воздушни напади врз градовите Тебнине и Борџ Калаује во областа Бинт Џбеил во Набатије, при што повредени се неколку лица.
Либанските тимови за цивилна одбрана денес извлекоа тело од урнатините во градот Рајак, во источниот регион Бека по израелскиот воздушен напад вчера.
Според соопштението издадено од Генералниот директорат за цивилна одбрана, екипите спроведуваат операции за пребарување и спасување.
Покрај јужен и источен Либан, Израел, исто така, ги интензивираше своите воздушни напади врз главниот град Бејрут.
Утринава израелските воени авиони го нападнаа градот Зрарије во областа Сидон, бомбардираа и куќа во селото Таир Харфа, јужно од Тир, објави агенцијата.
Ова се случи еден ден откако израелски борбени авиони извршија два напади врз Бејрут, при што се убиени 22 лица, а беа ранети 117, според прелиминарните податоци на либанското Министерство за здравство.
Израел од 23 септември спроведува масовни воздушни напади низ Либан против, како што тврди, локации на Хезболах, во кои убиени се најмалку 1.351 лице, повредени над 3.800 и раселени повеќе од 1,2 милиони луѓе.
Воздушната кампања е ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на неговата офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби над 42.100 луѓе, повеќето жени и деца, од нападот на Хамас на 7 октомври минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна среде немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во јужен Либан.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.