Rania R.a. Abushamala
01 Ноември 2023•Ажурирај: 01 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Бројот на загинати новинари и медиумски работници во израелските напади врз Газа од 7 октомври се искачи на 38, соопшти денес локалното здружение, пренесува Анадолу.
„Од 7 октомври, 25 палестински новинари и 13 медиумски работници загинаа во израелските воздушни напади“, се вели во соопштението на Синдикатот на палестинските новинари на Фејсбук.
„Во текот на истиот период имаше директни напади врз домовите на 35 новинари, при што беа убиени десетици членови на нивните семејства, вклучувајќи го и нападот врз куќата на новинарот на Ал Џезира, Ваел Дахдух, убивајќи ги неговата сопруга, две од неговите деца и неговото мало внуче“, додаваат од Синдикатот.
Се наведува дека „овие злосторства се дел од долгата шема на смртоносното целење на палестинските новинари од страна на Израел. Израелската Армија уби 55 палестински новинари во периодот од 2000 до 2022 година, меѓу кои и добропознатата новинарка Ширин Абу Аклех во мај 2022 година“.
Синдикатот истакна дека Израел прекинал секаква комуникација со Појасот Газа, дека беше прекинат интернетот, фиксната и мобилната телекомуникација, што и понатаму е во голем дел прекинато или ограничено. Овие акции, преземени паралелно, имаат за цел да му дозволат на Израел да ги изврши своите масакри во темнина, далеку од објективите на светските медиуми, се додава од Синдикатот на палестински новинари.